Украина и Србија продолжуваат да се залагаат за меѓусебно уважување на своите суверенитети и територијални целостности, потврди украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во Белград, по неговата средба со српскиот колега Марко Ѓуриќ.
Кулеба, кој пристигна во Србија на билатерална посета заедно со првата дама на Украина, Олена Зеленска, сподели на социјалните мрежи дека со Ѓуриќ имал разговори и за европските интеграции на двете држави.
„Имавме разговори за засилување на билатералната соработка со српскиот министер за надворешни работи, Марко Ѓуриќ. Тој ја потврди поддршката за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, а јас му изразив иста таква поддршка за Србија“, објави Кулеба.
Пред оваа средба, Кулеба имаше разговори со српскиот претседател Александар Вучиќ во вилата „Мир“ за унапредување на двостраните односи, додека премиерот Милош Вучевиќ потврди дека Србија останува посветена на почитувањето на меѓународните закони и територијалниот интегритет на сите држави-членки на ОН, вклучувајќи ги и Украина.
Кулеба денес се сретна и со претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ. Како што соопшти Националното собрание, биле разменети мислења за евроинтегративниот процес на двете земји.
Брнабиќ рече дека постои заеднички интерес за подобрување на парламентарната соработка меѓу Србија и Украина и дека ќе продолжат со активности кои придонесуваат за зајакнување на врските меѓу двата парламента.
Кулеба и сопругата на украинскиот претседател, Олена Зеленска, се наоѓаат на прва официјална посета на Србија од почетокот на конфликтот во Украина во 2022 година.
Српскиот претседател планира попладнево да има средба и со првата дама на Украина.