Вештачката интелигенција веројатно ќе влијае на 60 отсто од работните места во напредните економии и 40 отсто од работните места во светот во следните две години, рече директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, а пренесува „Ројтерс“.
„Имаме многу малку време да ги подготвиме луѓето за ова, бизнисите да бидат подготвени за ова“, рече таа на настанот организиран од Швајцарскиот институт за меѓународни студии, поврзан со Универзитетот во Цирих.
„Тоа (ВИ) може да доведе до огромни зголемувања на продуктивноста ако добро управуваме со него, но исто така може да доведе до повеќе дезинформации и, се разбира, поголема нееднаквост во нашето општество“, истакна шефот на ММФ.
Кристалина Георгиева рече и дека глобалната економија станала поподложна на шокови во последните години, наведувајќи ја глобалната пандемија во 2020 година, како и војната во Украина.
„И покрај очекувањата на повеќе шокови, особено поради климатската криза, глобалната економија остана неверојатно еластична“, рече Георгиева, која беше нападната од демонстрантите кои повикуваа на акција за климатските промени и справување со долговите во светот во развој.