По признавањето на Палестина од Норвешка, Шпанија и Ирска решија да го сторат истото

од Milan1
204 прегледи

Три европски земји, Ирска, Норвешка и Шпанија одлучија официјално да ја признаат Палестина како независна држава. Овој чекор го поттикна Израел веднаш да ги отповика своите амбасадори од две европски земји – Ирска и Норвешка.

По признавањето на Палестина од Норвешка, Шпанија и Ирска решија да го сторат истото, соопштија денеска премиерите на тие две земји Педро Санчез и Сајмон Харис.

„Денес Ирска, Норвешка и Шпанија најавуваат дека ќе ја признаат државата Палестина. Секој од нас ќе ги преземе неопходните чекори за таа одлука да биде ефективна. Уверен сум дека некои други земји ќе ни се придружат во преземањето на овој важен чекор во следните недели“, рече Харис, додавајќи дека одлуката на трите земји да ја признаат Палестина е „легитимно право на државност“.

„Ова решение е во прилог на решението за две држави, што е единствениот правилен пат кон мирот и безбедноста за Израел, Палестина и нивните народи“, рече Харис, a пренесува „Скај њуз“.

Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави во Конгресот дека Шпанија ќе ја признае палестинската држава на 28 мај, наведувајќи дека е дојдено време да се премине од зборови на дела и дека Шпанија тоа го прави за „мир, кохерентност и правда“, пишува „Паис“.

Тој нагласи дека одлуката не е против Израел, Евреите или во корист на Хамас.

„Сакам да разјаснам едно, ова признание не е против никого, не е против народот на Израел, луѓето што ги цениме. А уште помалку против Евреите, народ на кој му се восхитуваме и чија историја е поврзана со Шпанија. Ниту е во корист на Хамас, како што велат некои пратеници, рече Санчез и најави дека Шпанија ќе прими 30 деца од Газа на кои им е дијагностициран рак.

„Во одреден момент кога бомбардирањето ќе престане, а медиумите и меѓународната заедница ќе можат да видат што се случува во Газа, ќе сфатиме дека сите сме сведоци на една од најтемните епизоди. На тој ден, Шпанците ќе можат да кажат дека тие беа на вистинската страна на историјата“, додаде шпанскиот премиер.

Во меѓувреме, во вторникот, израелското Министерство за надворешни работи ги предупреди земјите против потегот, велејќи во објава на Твитер дека таквото признавање „ќе доведе до поголем тероризам, нестабилност во регионот и ќе ги загрози сите изгледи за мир“.

Слични содржини