Најмалку 138 мајмуни „завивачи“, вид познат по своите специфични, гласни повици, се пронајдени мртви во државата Табаско на брегот на Мексиканскиот залив, каде температурата надмина 45 степени, пренесува „Гардијан“. Благодарение на локалните жители, пет мајмуни итно се префрлени во локалните ветеринарни клиники каде ветеринарите се борат да ги спасат од дехидрација и топлотен удар.
„Мајмуните се донесени во критична состојба, со дехидрација и треска. Тоа се симптоми на топлотен удар“, изјави д-р Серџо Валензуела.
Локалните власти и волонтерите ги собираат телата на мртвите примати од шумите. За да им се помогне на преостанатите животни да го преживеат топлотниот бран, кофи со вода и овошје се ставаат околу живеалиштата на мајмуните.
Биологот за диви животни, Жилберто Позо, изјави за АП дека бранот на умирање на мајмуните започнал околу 5 мај и го достигнал својот врв во текот на викендот.
„Тие паѓаа од дрвјата како јаболка. Беа во состојба на тешка дехидрација и умреа за неколку минути. Во нивната ослабена состојба, таквиот пад од височина може да доведе до сериозни повреди кои на крајот ги убиваат приматите“, рече тој.
Поради топлотниот бран од март досега загинале најмалку 26 луѓе, а ветеринарите тврдат дека горештините убиле десетици, а можеби и стотици мајмуни завивачи.
Мексиканското Министерство за животна средина во понеделникот соопшти дека ги координира напорите за утврдување на причината за смртта на мајмуните. Исто така, ги советува жителите веднаш да ги известат властите доколку наидат на мртви животни.