Гаши: Да докажеме дека ние сме најдобрата слика на ова општество, или Северна Македонија во минијатура

од Milan1
254 прегледи

На денешната конститутивна седница Собранието со 76 гласови за и 6 против, го изгласа Африм Гаши за нов претседател на Законодавниот дом. Против изборот на Гаши гласаа пратениците на Левица додека пак пратениците од Европскиот фронт предводен од ДУИ не беа присутни во салата.

Тој се заблагодари на довербата од новиот парламентарен состав, и вети дека ќе работи за доброто на граѓаните.

„Нема да дозволам ниту еден пратеник да се чувствува дескридитиран. Да докажеме дека ние сме најдобрата слика на ова општество, или Северна Македонија во минијатура. Почитувани пратеници, почитувани граѓани. Минатата година во САД се сретнав со секретарот кој почина после неколку месеци. Тој ми кажа нешто кое ми доаѓа на ум додека ви се обраќам. Тој кажа: „Верувам во слободата на изразување, и верувам општествата напредуваат кога дозволуваат слобода на изразување“. Имам мое политичко мислење како пратеник, но како претседател ќе се погрижам нашето општество да процвета низ слободата на изразување.

Имаме Собрание, нов парламентарен состав и мнозинство кое ќе го состави новата Влада. Пред нас се отвора нова перспектива. Да го сопреме егзодусот на младите. Јас сум голем оптимист, дека можеме да вратиме многу наши иселеници, ако ги исполниме ветувањата за кревање на животниот стандард. Дебатата за минатото не е дискус кој треба да се развива од политичарите, а најмалку за пратениците. Минатото е добра тема за историчарите, но не и за политичарите. Од нас се бара да ја подобриме иднина и да зборуваме за иднината, а не за минатото. Ако зборуваме само за минатото, нема да имаат корист нашите граѓани. Затоа треба да се соединиме околу општите барања на граѓаните. Реформи во образованието, заштита на семејството и заштита на животната средина. Имаме многу точки кои не обединуваат, и ова е добра можност. Имаме многу малку наратив кој не разделува. Уште еднаш да ви се заблагодарам на поддршката, да бидеме во служба на граѓаните без разлика на етничката, верската и национална припадност“, рече Гаши.