Tројца Афроамериканци ја тужат „Американ ерлајнс“, биле отстранети од летот до Њујорк поради непријатен мирис на телото

од Milan1
341 прегледи

Tројца Афроамериканци поднесоа тужба за расна дискриминација против „Американ ерлајнс“ тврдејќи дека авиокомпанијата накратко ги отстранила од летот откога други патници се пожалиле на мирис на телото. Мажите, кои не седеле заедно и не се познавале, велат дека сите црнци биле отстранети од летот на 5 јануари од Феникс до Њујорк.

„’Американ ерлајнс’ нè издвои затоа што сме црнци, нè посрамотија и нè понижија“, рекоа мажите во заедничката изјава, пренесува Би-би-си.

Компанијата со седиште во Тексас соопшти дека го истражува случајот бидејќи наводите „не се во согласност со нејзините вредности“.

Според федералната тужба поднесена од групата за застапување на потрошувачите „Паблик ситизен“, мажите веќе седнале на своите места и се подготвувале да заминат од Феникс кога стјуардеса им пришла на секој од нив и ги замолила да излезат од авионот.

Алвин Џексон, Емануел Џин Дозеф и Ксавиер Вајл наведуваат дека додека заминувале, сфатиле дека „сите црнци на летот биле отстранети“.

Вработените во „Американ ерлајнс“ се обидоа да го пререзервираат летот за мажите, но таа вечер немало други летови за Њујорк. На групата потоа ѝ беше дозволено да ги заземе своите места на првичниот лет.

„Американ ерлајнс“ соопшти: „Ние ги сфаќаме сите тврдења за дискриминација многу сериозно и сакаме нашите клиенти да имаат позитивно искуство кога ќе изберат да летаат со нас. Нашите тимови моментно го истражуваат случајот бидејќи наводите не ги одразуваат нашите основни вредности или нашата цел да се грижиме за луѓето“.

Во тужбата се додава дека пилотот, додека мажите чекале надвор од авионот, им соопштил на патниците дека доцнеле поради проблем со телесен мирис. Обвинителите велат дека тврдењето за смрдеа е лажно.

Слични содржини