Ветер и вода наместо јаглен и нуклеарна енергија – уделот на зелената струја во електричната енергија произведена во Германија во првиот квартал од 2024 година е рекорд.
Имено, 58,4 отсто од вкупно 121,5 милијарди киловат-часови Германија произведувала од обновливи извори, објави Федералното биро за статистика, пренесува ДПА.
Уделот на обновливите извори беше најголем откако статистичарите почнаа да ги следат податоците во 2018 година.
Најважен извор во првите три месеци, како и во целата претходна година, беше ветерната енергија. Според прелиминарните податоци, ветерниците произведувале 38,5 отсто од целата електрична енергија во Германија.
Јагленот остана на второто место со удел од 23 отсто, но уделот на овој енергенс во производството „се топи“ – во првиот квартал производството на електрична енергија од јаглен паднало за 11 милијарди киловат-часови.
Генерално, споредено со првите три месеци од минатата година, производството на електрична енергија од конвенционални извори е намалено за 25,4 отсто, а производството од обновливи извори е зголемено за 11,6 отсто.
Што се однесува до вкупното производство, според прелиминарните податоци, Германија во првиот квартал произвела 7,5 отсто помалку електрична енергија во однос на минатата година.