Неколку месеци откако Германија делумно ја легализираше рекреативната употреба на канабис, парламентот гласаше за измена на долгоочекуваниот закон за заострување на ограничувањата за возење.
Амандманите, усвоени доцна во четвртокот, вклучуваат и дополнителни одредби за одгледување канабис во таканаречените канабис клубови за да се спречи создавање на големи плантажи.
По долги години дебата, Берлин донесе нов закон за канабис во февруари, дозволувајќи им на возрасните Германци легално да поседуваат, купуваат или одгледуваат марихуана, иако сè уште важат строги регулативи и ограничувања.
Според законот кој е на сила од 1 април, возрасните можат да носат до 25 грама марихуана, додека дома не смеат да чуваат повеќе од 50 грама, а дома можат да одгледуваат до три растенија.
Јавната потрошувачка на марихуана се уште е забранета во близина на деца, училишта, градинки, игралишта и спортски терени.
Покрај домашното одгледување, возрасните можат да се приклучат и на таканаречените клубови за канабис, каде членовите ќе можат да ја одгледуваат дрогата заедно и да се снабдуваат меѓусебно од 1 јули.
Законот беше протуркан во парламентот од централно-левичарската коалициона влада на канцеларот Олаф Шолц.
Опозициските конзервативци од блокот ЦДУ/ЦСУ, сепак, продолжуваат да ја повикуваат Германија да го смени курсот и повторно да ја забрани марихуаната.
Со новите измени, парламентот воведе ограничување од 3,5 нанограми на милилитар крв на активната состојка на канабисот, тетрахидроканабинол (ТХЦ) за возачите.
Поради опасноста од мешање алкохол и марихуана, на оние кои конзумирале канабис сега целосно им е забрането да возат под дејство на алкохол.
Според новите правила, возењето под дејство на канабис е забрането за новите возачи, пишува Хина.
Дополнително, германските сојузни покраини добија поголем простор за маневрирање во спроведувањето на законот, на пример во инспекцијата на клубовите за канабис.