Неколку илјади мртви риби се пронајдени на површината на лагуната Бустиљос во државата Чивава на северот на Мексико, а се претпоставува дека причината е големата суша.
Службеникот на Службата за животна средина во градот Чуахтемоц, Ирма де ла Пења, изјави дека во езерото има многу помалку вода од вообичаено и дека преостанатата вода е со многу лош квалитет.
„Кога количината на вода во езерото се намалува, загадувачите се поконцентрирани и затоа тоа влијае на видовите што живеат таму“, нагласи Де ла Пења.
Според властите, сушата зафатила речиси 90 отсто од Мексико, што е највисока од 2011 година. Посебно е погодена државата Чивава.
Езерото Бустиљос се наоѓа во близина на градот Анахуак и рибата угинала за време на долг период на суша кога температурата на воздухот била над 40 степени Целзиусови.