Како здравствена институција, која е лидер во превенција и третман на спортски повреди, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ од денес ги стави на располагање целокупниот тим и капацитет на болницата на фудбалерите од најтрофејниот македонски клуб ФК “Вардар” и стана нивен медицински партнер.
Д-р Борислав Илиев, специјалист по ортопедија, е дел од тимот што во наредниот период ќе се грижи за здравјето на фудбалерите. Тој изјави дека „Аџибадем Систина“ ќе се потруди да ги обезбеди најдобрите услови за следење и подготовка како што заслужуваат фудбалерите.
„Среќни сме што ние како Клиничка болница ‘Аџибадем Систина’ ќе им понудиме професионална медицинска помош на фудбалерите во дијагностицирање на повреди, лекување и закрепнување. Ќе направиме сѐ со што би помогнале ФК ‘Вардар’ да се врати на вистинските патеки. ‘Вардар’ е бренд што се носи во срцето и нема некој што во земјава не навивал за ‘Вардар’. Нашиот медицински тим им стои на располагање и тука сме заедно да одиме кон нови победи“ – изјави д-р Борислав Илиев.
По повод склучувањето на договорот, претставници од ФК “Вардар” го посетија спортскиот центар “Премиум”. Спортскиот директор Влатко Колев изрази огромна благодарност и задоволство за остварената соработка.
„Чест и задоволство е да имаме зад нас ваква институција како што е ‘Аџибадем Систина’, каде што ќе можеме професионално да ги извршуваме сите медицински прегледи и сѐ што ни е потребно, за што подобро да се подготвиме во новата сезона и да го вратиме ‘Вардар’ на местото каде што заслужува да биде. Секогаш е добредојдена соработка со најдобрите.“
Доказ дека Клиничката болница „Аџибадем Систина“ посветено се грижи за спортистите е фудбалерот на „Вардар“, Матеус Лемос, кој минатиот месец направи операција на предниот вкрстен лигамент. Во тек е неговиот процес на рехабилитација, па тој секојдневно доаѓа на физикална терапија и рехабилитација во болницата. Со помош на нашиот искусен тим и најсовремената опрема со која располага спортскиот центар „Премиум“, очекуваме негово брзо закрепнување и враќање на фудбалските терени.