Рускиот претседател Владимир Путин можеби планира да ја промени националната нуклеарна доктрина поради војната во Украина.
Минатата недела руската државна агенција „РИА Новости“ објави дека Путин одржал говор на неодамнешниот Меѓународен економски форум во Санкт Петербург и ја споменал руската нуклеарна доктрина, пишува „Њузвик“.
„Оваа доктрина е жив инструмент и ние внимателно набљудуваме што се случува во светот, околу нас и не исклучуваме да направиме некои промени во оваа доктрина“, рече Путин, пренесува „РИА Новости“.
„Поради некоја причина, Западот верува дека Русија никогаш нема да употреби нуклеарно оружје. Имаме нуклеарна доктрина. Погледнете што вели таа. Ова не треба да се сфати површно“, рече тој.
Доктрината ѝ дозволува на Русија да користи нуклеарно оружје доколку друга земја употреби нуклеарно оружје против неа, или ако „самото постоење на државата е загрозено“, наведува Ал Џезира.
Претходно во петокот, високата руска функционерка и соработничка на Путин, Валентина Матвиенко, исто така ја коментираше можната употреба на нуклеарно оружје, пишува „Њусвик“.
„Лично, мислам дека не сме таму (на работ на нуклеарна војна), но трендовите не се добри“, рече таа на маргините на форумот, пренесе „Тас“.
Матвиенко истакна дека се додека постоењето на Русија не е загрозено – Москва „никогаш нема да користи нуклеарно оружје“.
„Доколку постои реална закана за постоењето на нашата држава, сериозна закана за нашата безбедност и суверенитет, тогаш, се разбира, ќе го искористиме целиот арсенал, сите можности што ги имаме“, додаде таа.