Македонија навлегува во најтешкиот стадиум на своето постоење во кои постои објективна можност да ги изгуби темелите на својата државност и конститутивните вредности на Републиката како врвна форма на демократија. Овој стадиум ќе трае повеќе од деценија, и крајот на тоа мачно време ако воопшто може уште отсега да се замисли, може да биде крај на воопшто било каква форма на организирани општествени и политички структури во оваа форма на државноста.
Македонија на овие избори го допре дното како никогаш досега во својата надолна траекторија на духовен и национален историски развиток; го досегна најниското ниво на егзистенцијата на сопствениот колективен ум со гласањето за мицковистичко дпмне, а гласањето за Гордана е дури и надвор од било каква можност за рационална интерпретација. Без оглед на тоа дека има редица објективни фактори кои придонесоа за толку голема победа на мицковистичко дпмне сосе нивните сателитски партии, многу лаги на кои поверуваа припростите, приглупавите луѓе сосе неинформираните, наивните и профитерите, сепак нема никакво оправдување на таквото гласање, нема доволен изговор за колективното политичко, национално, економско и општествено харакири кое самите на себеси го направија Македонците, до степен на масовна хистерија и лудило.
Одамна беше јавно презентирано и видливо буквално се – освен тајните валкани политички игри и договори кои и овојпат според бројкките очигледно ги имало во изобилство – дури и индициите и погубната намера за диктаторско, тоталитарно владеење на мицковистичко дпмне врз Македонците преку голема изборна победа добиена со неколку големи лаги на кои никој нормален не смееше, не можеше да поверува. Тие манипулативни лаги се разобличија практично уште следниот ден по нивната победа, а допрва ќе ги трпиме последиците на реализацијата на останатите, доколку во меѓувреме заради гола моќ и апсолутна власт не се случат и други кои целосно ќе го претворат ова општество неподносливо за нормален живот. Иако со месеци претходно се знаеше како планираат да ја освојат власта – не само преку реализација на планот кои на еден новинар според негови зборови му бил доставен од свиркач од нивни високи партиски структури, туку и од бројни изјави на највисоките државни функционери дека по амбасадите ветувале дека ако дојдат на власт токму тие ќе го сменат
Уставот – односно нивното ветување дека само тие можат да го сменат Уставот според ЕУ-францускиот предог за кој, парадоксално, ако се сеќавате, со недели протестираа и шетаа од влада до собрание со огнени говори на сега веќе некои службеници на Гордана, најави за блокади на автопати и слично а кои наеднаш ги снема откако нивниот лидер ја виде Урсула фон дер Лајен. Нивното громогласно „не“ на маичките на кутрите, наивни членови кои верувале во нивниот патриотизам, всушност било големо „да“ за внесување на Бугарите во Уставот, па веројатно не ги лажеле врвните претставници на САД и ЕУ, нели. Тоа може да биде и плаузибилно објаснување на молкот на ЕУ и САД пред бројните злоупотреби и инструментализации на државните институции кои им припаднаа со техничката влада.
Политичкиот терен беше подготвуван со создавање на франкештајновска широка коалиција на идеолошко контрадикторни мали партиии и тоа всушност беше создавање на мрежа на групи од интерес која формално го покри севкупниот идеолошки можен спектар. Собранието веќе станува само гласачка машина без суштинска дебата, ако воопшто и ја има од законодавната власт кои повеќе се обични извршители на извршната власт. Имаше многу објективни индикатори за надоаѓачкиот тоталитарен режим и диктатура, која веројатно ќе биде во координати нешто помеѓу фашизам, сталинизам, Камбоџа, северна Кореја и Чиле во времето на Пиноче. Првите дејства на мицковистичко дпмне предводени од нивниот ,,мандатар“ потполно ги потврдија во практика тие индиции.
Започнаа со две лаги – прво тврдеа дека „консолидирале“ 61-62 пратеници (некои нивни партиски приврзоци удбашки најавуваа дури 63-64 пратеници), а брзо се виде дека немаат, па затоа се договорија со ДУИ, нивните архи-непријатели врз кои темелеа голем дел од својата изборна кампања, за гласањето околу воспоставувањето на нови министерства односно нови буџетски потрошувачи. Втората апла лага беше фамозното повлекување на истиот закон од страна на поднесувачот, мандатарот де, проследено со партиско соопштение дека тоа го побарал некој планиран нов министер во ново министерство, за утредента нивниот коалиционен партнер Билал Касами да каже дека поради барање на ВЛЕН законот бил вратен на доработка во врска со ингеренциите на новите министерства.
Следните дејства продолжија во таа насока, од хистерично барање за поддршка буквално од сите партии што е класичен знак на диктатура и негирање на смислата и основните вредности на демократијата, до поништување на Уставните граници за поделената власт со намерата да се распушти судскиот совет и советот на јавни обвинители, како и најавата за доминација врз процесите во локалните самоуправи. За жал, кога ќе заврши оправданиот сеир „како комитите и војводите сепак отидоа кај ДУИ“ ќе остане само тоталитаризам, власт без формална опозиција, а млекото и кексите беа на асталот и кај мицковистичко дпмне и кај ДУИ. Оваа власт ќе се одржува доло време, повеќе од деценија, посебно ако во СДСМ изберат лидер кој ќе биде епигон на Заев и неговите „политики“.
Модусот на функционирање на таква апсолутистичка власт е историски и теоретски добро познат и веќе виден – преку вештачка грандиозност, окупирани медими со валкан речник за дискредитација на критичарите на режимот (што овде е веќе одамна остварено), градење култ на личноста (што во нашиот случај добива комични пропорции и сепак нема да успее докрај). Понатаму, креирање на мит за враќање на социјална правда (а општо познато е дека се заштитници на крупниот капитал и големите компании сосе купчето стопански комори), пропаганда дека ќе се враќа националната гордост („Македонија повторно твоја“, нели) што патем кажано се демистифицираше по три дена со договорот со ДУИ, но и со огромнот број на функции за ВЛЕН) – или сумирано, дека ќе се почне од нула, што тие срамежливо и го споменаа неколкупати.
Како ќе се почне одново се кога истите тие што сакаат да започнат одново се беа активни или пасивни, директни или индиректни учесници и во процесот на промена на името, и за двојазичноста, и за пописот,па дури и за бугарскиот договор, тоа ниту на Господ не може да му биде јасно, и најдобро може да се објасни единствено сликовито преку еден стих на Артур Рембо –„ и рана и нож, и жртва и крвник“. Исто така, ќе има спектакуларни најави на големи проекти зад кои најчесто ќе се крие државен долг или некаков облик на јавно финансирање – што значи дека ќе се плаќа од џебот на секој граѓанин, на секој човек што живее овде но истото ќе биде агиттпроповски, гебелсовско-ждановистички промовиран као инвестиција, можност за нови вработувања и слично. Основата на тие наводни проекти и инвестиции ја сочинуваат државни и јавни ресурси и финансии и во принцип се нетранспарентни, нема скрининг или надзор од институции или НВО, а и да има, па тие институции се окупирани и исклучиво во функција на владетелот и власта. Конечно, сетете се на тоа како и каде и што се случи со милијардата на Циле, тоа е моделот на такви кредити и проекти. Фамозната милијарда на Мицкоски, која наводно е кредит по непостоечки принцип „влада со влада“ (!) е сепак кредит, задолжување на државата т.е. секој од нас, зголемување на јавниот долг, намалување на кредитниот рејтинг на државата, можна спирала на инфлација итн.итн., но сето тоа нема значење бидејќи ќе се покрие со пропагандната мрежа во функција на градење на култ на личноста и и други квази мета-нарации. Впрочем, сите знаат дека Европската инвестициона банка, Европска банка за обнова и развој и други имаат дури и пониски каматни стапки отколку најавената, но имаат услови како студии за економска и општествена оправданост на кредитот и други контролни механизми, па којзнае, можеби мотивот за задолжување од странска влада а не од некоја Европска Банка или фондови се наоѓа и таму некаде, во фактот за не-постоење на контрола на трошење на истата. Набрзо сите оние кои дадоа поддршка за воспоставување на режим ќе се соочат со својата грешка и погрешен избор, затоа што волјата за апсолутна власт од поодамна е воочлива и таа слепа волја придружена со апсолутна контрола на институциите на системот ќе се прекрши кај сите оние кои и малку ќе отстапат од планот на аеропагот олицетворен во макијавелистичкиот владетел.
Критики ќе има се помалку и поретко, а некои до вчера „големи“ лидери на партии и фракции и медиуми веќе замолкнаа, час поскоро, со смешни образложенија за изминување на некакви сто дена среде денешната Орвеловска атмосфера. Којзнае, можеби и со право, со вакви и за вакви половина милион гласачи и не вреди да се бориш и страдаш. Ги разбирам делумно, затоа што секое вознемирување на Кралот Сонце може да биде мошне опасно, дури и во онаа физичка смисла на личната безбедност, а можеби навистина е бесмислено за такви гласачи, да не кажам овој народ, повеќе да се даваат некакви лични акти на жртвување, дури ниту трошење на време. Што велеше Бранко Црвенковски, со ситни души држава не се прави. За такви може деа има само режим, диктатура, апсолутизам.
Д-р Тони Науновски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот