Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека ќе ги подигне односите со Северна Кореја на повисоко ниво и вети безрезервна поддршка за таа земја, објави севернокорејската државна агенција КЦНА пред неговата посета на таа земја.
Во писмото објавено во севернокорејскиот весник Родонг Синмун, весникот на владејачката Работничка партија, Путин истакна дека во текот на изминатите 70 години, двете земји развиле добри односи и партнерство засновани на еднаквост, меѓусебно почитување и доверба.
Путин ѝ се заблагодари на Северна Кореја за поддршката на руската „специјална воена операција“ во Украина, како што Русија ја нарекува војната што ја започна пред две години, и вети поддршка за напорите на Пјонгјанг да ги брани своите интереси и покрај, напиша тој, „притисок, уцена и воени закани од САД“.
Написот беше објавен еден ден откако двете земји објавија дека Путин ќе ја посети Северна Кореја за прв пат по 24 години. Посетата треба да трае два дена, денеска и утре. Руската агенција ТАСС пренесе дека рускиот претседател нагласил дека соработката меѓу двете земји ќе биде уште поблиска, што ќе го зајакне нивниот суверенитет и ќе ги обедини во отпорот на притисокот од Западот.
Во написот, како што јави ТАСС, Путин посочил дека Северна Кореја била и останува „сигурен партнер“ кој размислува „на сличен начин“ како Русија.