Во понеделникот данскиот крал Фредерик X го отвори првиот дел од 18-километарскиот подводен тунел „Фемарн“ што ќе ја поврзе Данска со Германија под Балтичкото Море.
Поточно, ќе ги поврзе јужниот дански остров Лоланд и северниот германски остров Фемарн, пренесува германскиот јавен телевизиски сервис ZDF.
Се очекува „Фемарн“ да биде отворен за сообраќај во 2029 година и да биде најдолгиот подводен патно-железнички тунел во светот. Тогаш ќе бидат потребни помалку од три часа возење од Хамбург до Копенхаген.
Преку изградениот тунел со четири ленти возилата ќе можат да минуваат под Балтичкото Море за 10 минути, а возовите за седум минути.
Одлуката за изградба на тунелот е донесена во 2011 година. Работата на данската страна започна во јули 2022 година, а на германската страна една година подоцна.
Тунелот, чија изградба ќе чини повеќе од 7 милијарди евра, ќе се состои од 89 бетонски елементи кои се градат во посебен објект во Лоланд.
Засега не е познато колку ќе чини возењето низ тој подводен тунел.