Нова инвестиција од 400 до 450 милиони евра и тоа во првите денови од работата од новата Влада најави мандаторот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во своето гостување во централниот дневник на телевизија Сител.
– Уште на почетокот ќе бидете сведоци, ќе имаме една огромна странска инвестиција во делот на енергетиката. Таа би требало да се случи уште во првите два три работни дена на новата влада, со што Македонија ќе биде енергетски независна. Зборувам во нето, ќе име периоди од годината кога ќе се увезува, периоди кога ќе извезува, но генерално тоа што го произведува тоа и ќе го троши. Можеби во одредени периоди во зима ќе увезува, а во одредени периоди во лето ќе извезува, но генерално ќе бидеме избалансирани, што за прв пат ќе ни се случи после раните деведесетите години од минатиот век, изјави Христијан Мицкоски.
Според него ова ќе биде најголема инвестиција во обновлива енергија.
-Тоа е огромна инвестиција во обновливата енергија, 400- 450 милиони евра нешто што се нема случено во регионот и тоа претставува мој личен приоритет, час поскоро таа инвестиција да се заврши. Тоа само ќе покаже кои се вистинските намери на оваа влада и јас тука немам никаква дилема дека во тој дух ќе продолжиме, истакна Мицкоски.
Освен оваа Мицкоски најави дека следуваат и две други нови странски инвестиции, и проширување на две постојни инвестиции.
-Потоа следат две нови странски инвестиции, проширување на две постојни инвестиции во првите сто дена кои што ќе го прошират својот производствен капацитет, истакна Мицкоски.