Европскиот комесар за соседство и проширување, Оливер Вархеји, на платформата Х, му честиташе на Тимчо Муцунски за неговото именување како министер за надворешни работи. Вархеји истакна дека на средбата разговарале за важноста на реформската агенда и за следните чекори во отворањето на пристапните преговори.
Вархеји, исто така, упати честитка до премиерот Христијан Мицкоски и неговата Влада по повод нивниот избор, изразувајќи нетрпение за брза соработка за унапредување на европскиот пат на Северна Македонија.
Министерот Муцунски, на денешната средба со Вархеји, подвлече дека новата влада, предводена од премиерот Мицкоски, е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции. Тој најави низа активности за забрзување на евроинтегративниот процес.
Во објава на Фејсбук, Муцунски истакна дека политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, како и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на регионот и Европа.
На средбата, Муцунски и Вархеји размениле мислења за Планот за раст на ЕУ, кој се оценува како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка и приближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ пред формалното членство. Муцунски учествуваше на оваа средба на шефовите на дипломатиите на членките на ЕУ и земјите од Западен Балкан, одржана во Луксембург во рамките на европскиот Совет за надворешни работи (ФАК).