По Аргентина и Канада, пласман во полуфиналето на Копа Америка обезбедија синоќа и фудбалските репрезентации на Уругвај и Колумбија.
На четвртфиналниот дуел одигран во Парадајс, Невада, пред 55.700 гледачи, Уругвај го победи Бразил со 4-2 на пенали, откако натпреварот во регуларниот дел заврши без голови, додека Колумбија ја совлада Панама со 5-0 во Глендејл, Аризона, пред 39.700 гледачи. Со овој резултат Колумбија ја продолжи серијата без пораз на 27 натпревари, а последниот пораз го претрпе во февруари 2022 година од Аргентина (0-1).
Претходно во полуфиналето се пласираа Аргентина и Канада кои со подобро изведување пенали ги совладаа Еквадор и Венецуела.
Бранителот на титулата Аргентина во полуфиналето ќе игра против Канада, додека вториот финалист ќе биде победникот од пресметката меѓу Уругвај и Колумбија.