Во Франција утринава во 8 часот се отворени избирачките места за вториот круг од предвремените парламентарни избори.
Една недела по првиот круг, околу 49 милиони гласачи запишани во избирачките списоци можат да гласаат во вториот круг од парламентарните избори, а резултатите ќе бидат објавувани од 20 часот, јавува БФМ ТВ, пренесува Танјуг.
Времето на затворање на избирачките места варира, а според сајтот service-public.fr, избирачките места треба да бидат затворени во 18:00 часот, но секоја префектура може да донесе уредба со која може порано да се одреди датумот на затворање на гласачкото место или подоцна, така на пример, во големите градови често е можно да се гласа до 20:00 часот.
Поради временската разлика гласањето во прекуокеанските департмани и територии на Франција може да се одржи и друг ден, па во Сен Пјер и Микелон, Сен Бар, Сен Мартен, Гвадалупе, Мартиник, Гвајана и Француска Полинезија гласањето се оддржа вчера, а вчера гласаа и Французите кои живеат во Америка.
Гласачите низ Франција и прекуокеанските територии ќе гласаат за 501 од 577 места во Националното собрание, долниот и најважен дом на францускиот парламент, а преостанатите 76 места веќе се освоени во првиот круг на гласање, објави претходно АП.
Екстремно десничарскиот Национален собир (РН) и неговите сојузници водат по првиот круг од изборите со околу 34 отсто од гласовите, левичарската коалиција Нов народен фронт освои 29 отсто од гласовите, а центристичката коалиција Заедно, на која и припаѓа партијата „Преродба“ на францускиот претседател Емануел Макрон, го зазеде третото место.
Во неделата помеѓу двата круга на изборите, стотици центристички и левичарски кандидати се повлекоа од трката за да ги зголемат шансите на нивните умерени ривали и да се обидат да го спречат кандидатот на десницата да победи.