Рускиот претседател Владимир Путин се сретна со индискиот премиер Нарендра Моди, кој допатува во официјална посета на Русија. Двајцата лидери одржаа неформална средба во резиденцијата на Путин во Нови Огарево, додека главниот, работен дел од посетата на Моди ќе се одржи утре. Освен со чај, Путин го почести својот гостин со свежи бобинки, сушено овошје и ориентални слатки, пренесува РИА Новости.
Ова е прво патување на Моди во Русија по пет години, но и прво официјално патување во третиот мандат.
На средбата рускиот лидер ги истакна успесите на индискиот премиер во развојот на земјата и му честиташе за реизборот на таа функција. Тој истакна дека Нарендра Моди целиот свој живот го посветил на служење на народот на Индија.
Моди утре ќе се сретне и со индиската заедница во Русија, ќе положи венец на гробот на непознатиот војник и ќе посети изложба во Москва.
Пред пристигнувањето во Москва, индискиот премиер изјави дека со нетрпение го очекува својот престој во Русија и средбата со Путин, кого го нарече пријател.
Москва и Њу Делхи го истакнаа големото значење на посетата на индискиот премиер. Последната билатерална средба меѓу Моди и Путин се одржа во 2021 година, кога рускиот лидер го посети Њу Делхи.