Столтенберг: Не е прашање дали, туку кога Украина ќе влезе во НАТО

од Илинка Илиоска
29 прегледи

Иднината на Украина е во НАТО, порача генералниот секретар Јенс Столтенберг на заедничката прес-конференција со Володимир Зеленски на крајот на тридневниот самит во Вашингтон, каде што западната воена алијанса одбележа 75 години од основањето. Тој најави дека длабоката соработка помеѓу НАТО и Украина ќе оди уште подалеку, ветувајќи поблиска работа со украинските вооружени сили.

Во коминикето на НАТО објавено од 32-члениот блок вчера, се вели дека патот на Украина кон членството во НАТО е неизбежен.

„Не е прашање дали, туку кога“, истакна генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

И Зеленски изјави дека Украина е многу блиску до целта да стане членка на НАТО. Следните чекори ќе бидат покана и членство.

„Убеден сум дека ќе го оствариме тоа. Тоа би бил успех за двете страни“, рече украинскиот претседател, додавајќи дека поддршката на НАТО е клучна во борбата против руската агресија.

За време на самитот, НАТО објави дополнително интегрирање во украинската војска и помош од 40 милијарди долари следната година, што вклучува авиони „Ф-16“ и противвоздушна одбрана, а сите членки усвоија декларација дека Русија останува најзначајната и најдиректна закана за безбедноста.

Во врска со употребата на западното оружје за гаѓање цели на руска територија, Столтенберг кажа дека Русија започнала војна на агресија, па Украина има право на самоодбрана.

„Сојузниците на НАТО имаат право да помогнат и да го поддржат правото на Украина за самоодбрана без да станат страна во конфликтот. Правото на самоодбрана го вклучува правото да се напаѓаат легитимни воени цели на руска територија“, рече тој.

Зеленски претходно се сретна и со Џо Бајден, кој јасно му порача дека САД остануваат со Украина.

„Остануваме со вас, точка“, кажа Бајден, најавувајќи нов безбедносен пакет за Украина.

Слични содржини