Германија планира да инвестира милијарди евра во пионерски проекти на таканаречениот зелен водород, изјави министерот за економија и енергетска транзиција Роберт Хабек.
Целта на инвестицијата е поинтензивно производство, и поефикасно складирање и транспорт за климатска неутралност на многу важен извор на енергија. Зелениот водород е оној што се добива со користење на електрична енергија произведена од обновливи извори, како што се реки, сонце или ветер.
„Со финансирање проекти за водород, ние чекориме кон климатско неутрална и одржлива економија во Европа и пошироко“, рече Хабек, според соопштението на неговото министерство.
Германската влада и владите на неколку провинции одредиле буџет од 4,6 милијарди евра за вкупно 23 проекти, пренесува dpa.
Хабек посочи дека силната инфраструктура за експлоатација на водород може да игра клучна улога во декарбонизацијата на германската индустрија и енергетскиот сектор.
„Водородните цевководи ќе бидат артериите на индустриските центри. Ова создава предуслови за климатски неутрален економски раст“, рече тој.
Проектите се фокусирани на масовно производство на зелен водород, но и на иновативни и нови решенија за складирање, како и на транспортна инфраструктура.
Дел од средствата за проектите ќе ги обезбеди Европската Унија, а компаниите кои ќе се вклучат во проектите треба да одвојат дополнителни 3,3 милијарди евра.
Според министерството, на тој начин целата инвестиција ќе достигне вкупно 7,9 милијарди евра до 2030 година.