Источната кинеска провинција Фуџијан евакуираше повеќе од 150.000 жители поради очекуваниот удар на тајфунот Гаеми, соопштија денеска властите.
Тајванската Централна метеоролошка агенција (ЦМА) издаде предупредување за морски и копнен тајфун за целиот главен остров, додека тајванскиот претседател Лаи Чинг-те ги повика жителите да не патуваат освен ако не можат да ја осигураат својата безбедност.
Откажани се 97 летови и 73 редовни железнички линии за среда и четврток, при што три од најголемите тајвански авиопревозници – ЕВА Ер, Чајна Ерлајнс и Старлукс Ерлајнс – најавија прекини поради тајфунот, пренесува Синхуа.
Повеќе од 29.000 луѓе кои работат на рибарски сплавови се засолниле на брегот, 733 рибарски чамци се вратиле во пристаништата, а околу 3.200 луѓе биле евакуирани на брегот од бродовите, соопшти провинциската канцеларија за контрола на поплави.
Три лица загинаа во кинескиот регион Тајван како последица на тајфунот Гаеми, а властите денеска ја продолжуваат потрагата по деветте членови на екипажот на бродот што потона во средата во близина на јужниот брег на островот, јавува Би-би-си.
Продолжува потрагата по деветте државјани на Мјанмар кои работеле на танкерот во Тајван. Над 8.000 луѓе се евакуирани, додека околу 200 летови се одложени, според властите.
Училиштата и канцелариите денеска ќе бидат затворени на островот, откако во средата беа затворени сите институции.
Неколку железнички оператори во Кина исто така ја прекинаа работата. Во ударот на тајфунот на Филипините загинаа осум лица, а работата и наставата беа прекинати, додека тргувањето со акции беше прекинато.
Во главниот град Манила, дом на речиси 15 милиони луѓе, во средата беше прогласена вонредна состојба поради тајфунот.