Холандската „Мокро мафија“ почна да дивее низ Западна Германија

од Milan1
58 прегледи

Холандската таканаречена мафија „Мокро“ во последните години ги интензивираше своите активности во Германија и соработува со германски банди, но меѓу нив повремено има и конфликти, пишува денеска „Дојче веле“. Работите почнаа да ескалираат откако маж и жена беа киднапирани и мачени во Келн на почетокот на овој месец.

Двајцата, очигледно дел од германска организирана криминална група, беа ослободени во полициска акција во која беа уапсени четири лица, а на шест други локации во градот беа претресени и уште двајца мажи беа уапсени.

Во сојузната покраина Северна Рајна Вестфалија, во последните три недели е забележана и серија од седум бомбашки напади во кои криминалци се обиделе да украдат пари од банкомати.

Се верува дека сите овие злосторства ги извршиле членовите на „Мокро мафија“.

„Т.н. Мокро мафија почна да увезува канабис во Холандија во 90-тите години, а подоцна го прошири својот бизнис со увоз на кокаин“, изјави за Дојче веле Дирк Пеглоу, шеф на германската асоцијација на криминални истражители (БДК), додавајќи дека станува збор за група чии структури се воспоставени со децении.

Членовите на таа група се значително повеќе склони кон насилство отколку организираните криминални групи во Германија. Во медиумите кружат вознемирувачки приказни за соби за мачење, отсечени глави оставени надвор од баровите, па дури и наводни планови за киднапирање на 18-годишната холандска принцеза Амалија.

Истакнатиот холандски криминолог Сирил Фајнаут процени дека Мокро мафијата убива меѓу 10 и 20 луѓе секоја година.

Мокро мафијата стана озлогласена во Холандија во 2021 година кога беше убиен Питер Р. де Врис, познат новинар кој опширно известуваше за организираниот криминал во земјата и кој беше застрелан во главата во Амстердам откако се појави во ТВ емисија.

Убиството беше едно од трите поврзани со шестгодишното „Судење Маренго“, во кое неколку обвинети, вклучително и водачот на бандата Ридуан Таги, беа обвинети за повеќекратни убиства и обиди за убиства. Во февруари оваа година, сите 17 обвинети добија долги затворски казни, вклучително и доживотни затворски казни за Таги и уште тројца други.

Покрај Де Ври,с убиен е и братот на крунскиот сведок Набил Б. и еден обвинител. Во јуни оваа година, шест мажи беа осудени и за убиство на Де Врис.

Тоа беше силен удар за мафијата, но и покрај овие пресуди, се чини дека криминалните мрежи цветаат и се шират во Германија, пренесува Танјуг.

Слични содржини