Заменик министерот за надворешни работи на Полска, Теофил Бартошевски, ја постави под знак прашалник неопходноста од членство на Унгарија во ЕУ и НАТО по изјавите на унгарскиот премиер Виктор Орбан, насочени против Полска.
Бартошевски истакна дека за разлика од Орбан, Полска не води бизнис со Русија по инвазијата на Украина, што тој го гледа како напад врз Полска, САД, ЕУ и НАТО.
Овие коментари ги пренесе РТС, повикувајќи се на украинска Правда. Бартошевски додаде дека изјавите на Орбан добија негативни реакции од американската амбасада во Будимпешта.
„Не разбирам зошто Унгарија сака да остане членка на организации кои не ги сака и кои наводно лошо се однесуваат кон неа. Ако не сакаш да бидеш член на клубот, секогаш можеш да си заминеш. Ова е антиевропска, антиукраинска и антиполска политика“, заклучи Бартошевски.
Во својот говор на летниот универзитет Тусвањос во Баиле Туснад, Орбан тврдеше дека Полска води најлицемерна политика во Европа, бидејќи наводно води бизнис со Русија. Односите меѓу Варшава и Будимпешта се заладија по руската инвазија на Украина поради различните ставови за конфликтот, иако Орбан претходно не ја критикуваше отворено Полска.