Димитриевски: Вреди се обидува да го копира ДУИ, во Владата влеговме за да не дојдеме во состојба Македонецот да биде уценуван

од Milan1
141 прегледи

„Вреди“ собира евтини политички поени и се обидува да го копира ДУИ за да му се додвори на албанскиот електорат. Но, тоа се погрешни политики. Ние влеговме во Владата за да обезбедиме мнозинство и да не дојдеме во состојба Македонецот никогаш повеќе да се чувствува како граѓанин од втор ред во оваа држава, изјави вечерва претседателот на Движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.

Тој рече дека владината коалиција функционира, но има различни ставови, особено по националните прашања кои доаѓаат од „Вреди“.

„Времето на етнизација и поделби по етнички клуч треба да биде минато, треба да дојде време на квалитетот, а квантитетот што доаѓа од политичките субјекти да биде сузбиен. Нашата намера е да работиме на деполитизација на системот, но дополнително и да го спроведуваме законот, а не да го толкуваме. Нашиот министер за администрација го цитираше законот, а законот е јасен, дека се пресметува согласно процентот на населението кое живее во Македонија. Ние ќе бараме почитување и на законот за истакнување на одбележјата или знамињата на етничките заедници. Владината коалиција функционира, но факт е дека има различни ставови, особено по националните прашања кои доаѓаат од нашиот коалициски партнет „Вреди“ со кој ние и немаме реално потпишано коалиција, туку имаме потпишано договор за Влада, односно поддршка на владината програма. Факт е дека собираат евтини политички поени на таа тема кај својот електорат, мислејќи дека ќе излезат поголеми патриоти од оние кои претходно беа. Всушност, се враќаат на принципот на ДУИ-зација кој за нас е минато или барем мислиме дека е минато, но како и да е, секогаш ќе ги корегираме и ќе ги носиме нашите одлуки согласно моментумот, објасни Димитриевски во врска со Балансерот.

Во однос на барањето на „Вреди“ за формирање академија за науки и ументости на Албанците, Димитриевски потенцира дека „сите иницијативи се вредни за разгледување, но во Македонија може да постои само една национална академија на науки“. Таков е случајот, посочи, и во другите земји од регионот.

„Во Макеоднија има само една национална академија, тоа е МАНУ, во нејзини рамки има еминентни академици од сите етнички заедници, турска, влашка, српска, албанска, дури Албанец има заменик претседател. Општо неприфатливо и недозволиво е да се формираат други академии во земјава, освен МАНУ. Секој може да поднесе иницијатива и да формира невладино здружение, но тоа е нешто сосема друго. Треба многу да се внимава и на сите пораки што се испраќаат од некои членови на МАНУ кои се обидуваат индиректно на оваа тема да внесат наратив дека е потребна дополнителна катедра или отсек, дел кој ќе го проучува само едниот јазик, едната култура. Во науката такво нешто не постои, науката им припаѓа на сите заедници, нации и култури, рече Димитриевски.

Во ЗНАМ, напомена, има членови Албанци и од сите други етнички заедници.

На прашањето што би направила ЗНАМ во вакви случаи, партискиот лидер рече дека може да отвори теми на Влада, во Собрание, на координација.

-Ако нема корекција и другите опции се отворени. Тоа значи, за принципиелни ставови и мислења давање подршка, а за непринципиелните нема поддршка. Ние влеговме во Владата за да обезбедиме мнозинство и да не дојдеме во состојба Македонецот никогаш повеќе да се чувствува како граѓанин од втор ред во оваа држава, уценуван од страна на поедини моноетнички блокови какви што се формираа и се формираат се уште и да се владее согласно законот. Ако тоа не се почитува, нема да бидеме дел од тоа, дециден е Димитриевски.

Слични содржини