Земјите членки на Г7 денеска повикаа на воздржаност и деескалација на Блискиот Исток со цел да се избегне можното ширење на конфликти во регионот.
Г7 повторно ги повика сите инволвирани страни да се воздржат од натамошно проширување на кругот на одмаздници, да ги намалат тензиите и да се ангажираат конструктивно за да се постигне деескалација, објави Ројтерс.
Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани викендов свика онлајн состанок на шефовите на дипломатиите на групата Г7 на индустриски најразвиените земји на разговори за кризата на Блискиот Исток.
Истовремено Турција и Јапонија ги повикаа своите граѓани да го напуштат Либан поради можното влошување на безбедносната ситуација во таа земја.
Турското Министерство за надворешни работи соопшти доцна во неделата дека Турците кои мора да останат во Либан треба да бидат внимателни и да не одат во области со особено висок ризик, како што се Набатија, јужен Либан, долината Бека и провинцијата Балбек-Хермел.
На турските граѓани им се советува и да не патуваат во Либан.
Јапонското Министерство за надворешни работи денеска ги предупреди Јапонците да го напуштат Либан поради зголемените тензии на Блискиот Исток.
Претходно своите граѓани веднаш да го напуштат Либан ги повикаа и САД, Канада, Велика Британија, Франција, Италија и Јордан.