FOUR PAWS изразува загриженост за управувањето на ЗОО Скопје и благосостојбата на животните

од Илинка Илиоска
210 прегледи

Откако евтаназијата на слоницата Дуња во скопската Зоолошка градина предизвика жестоки реакции во јавноста, здруженијата за заштита на животни и еко-активистите побараа независна истрага и воведување на мораториум за донесување нови животни во зоолошката градина.

Веста за смртта на слоницата „ја прелеа чашата на трпението“ на граѓаните кои својот гнев го истурија на социјалните мрежи бидејќи во изминатите две години, јавноста беше сведок на смртта на две жирафи – Каспер и Флопи, на труење на три пржевалскиеви коњи, како и на масовното колење на 10 коњи со оправдување дека биле болни.

Како што посочија од Зелен Хуман Град „Во ниту еден од овие случаи, никој не понесе одговорност, ниту имаше правна разрешница, освен смената на директорот Кристијан Стаменов во јули 2022 година“.

Во разговор со „Локално“ загриженост за состојбата на скопската Зоолошка изразија и од FOUR PAWS, интернационалнатa организација со чија помош беа спасени мечките Марко и Мартина кои сега живеат во резерват во Швајцарија.

„ Од спасувањето на двете мечки од Зоолошката градина Скопје во 2022 година, FOUR PAWS не можеше да воспостави понатамошна соработка со зоолошката градина. Ова и покрај договорот дека спасувањето на мечките ќе доведе до подобрување на условите за чување на двете мечки кои останаа во зоолошката градина, како и понудите од FOUR PAWS за поддршка на ветеринарни интервенции за големите мачки во зоолошката градина за да се спречи размножувањето и подобрување на нивната благосостојба.“, изјави Барбара ван Џин, интернационален директор на Секторот за спасување и заштита на диви животни во FOUR PAWS International, за „Локално“.

Таа истакна дека Организацијата продолжува да ја надгледува состојбата во зоолошката градина и ја споделува загриженоста за нејзиното управување и благосостојбата на животните. Сепак, од FOUR PAWS велат дека не се доволно информирани за да дадат конкретни изјави за тековната ситуација.

„Ние општо ја поддржуваме секоја транзиција на зоолошките градини од забава, одгледување и трговија, кон спасување и фокусирање на благосостојбата на животните, заштитата и образованието“, додаде таа.

За потсетување, делегација на светски реномираната организација за заштита на животните Four Paws International во мај 2022 година ја посети скопската Зоолошка градина и имаа средба со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и директорот на Зоолошката градина, Кристијан Стаменов.

На средбата Four Paws International ја претставуваа Јоана Данглер (Iona Dungler) – директорка на Одделот за диви животни во Four Paws International и Барбара ван Џин (Barbara Van Geene)-интернационален директор на Сектор Wild animals rescue & Advocasy во Four Paws International.

„Four Paws International е најголема светска организација за заштита на животните и помага за благосостојбата на животните низ целиот свет, со седиште во Виена и со свои прифатилишта на повеќе локации во светот.

Со нивното знаење, експертски совети, ветеринарна грижа и логистика тие континуирано помагаат на Скопје ЗОО, но нивна главна цел е и заеднички да ја унапредиме благосостојбата на животни.

Во овој период со нивна помош беа спасени илјадници загрозени животни

Градот Скопје континуирано ќе работи на подобрување на условите во кои живеат животните, како и ќе ги почитува препораките на меѓународните стандарди за заштита на животните“, соопшти тогаш Град Скопје.

И.И.

Слични содржини