Европската унија ја усвои изменетата директива за индустриски и сточарски емисии 2024/1785 (IED 2.0), со која на граѓаните им се даваат поголеми права во споредба со директивата усвоена во 2010 година, така што тие сега можат да бараат компензација за штетата предизвикана од загадувачите, објави Европската комисија.
Директивата веќе опфаќа над 30.000 големи индустриски погони и над 20.000 интензивни сточарски фарми, а до 2017 година овие правила го намалија загадувањето на воздухот од споменатите постројки и до 75 отсто.
Сепак, имајќи предвид дека загадувањето од овие извори продолжува да предизвикува штета на јавното здравје и животната средина, која изнесува милијарди евра и доведува до стотици илјади предвремени смртни случаи годишно, Европската унија за прв пат го воспостави правото на граѓаните да бара надомест за штета на здравјето, предизвикана од загадување.
Сега ќе се применуваат посилни IED за рудници и гигафабрики за батерии, а ќе се прошират на 30 отсто од најголемите фарми за свињи и живина во ЕУ.
Новата директива за индустриски и сточарски емисии е главниот инструмент на ЕУ за намалување на загадувањето на воздухот, водата и земјиштето, како и за спречување на создавање отпад од големите индустриски постројки и интензивните сточарски фарми.
Сега владите мора секогаш да ја земат предвид заштитата на човековото здравје кога ги спроведуваат правилата за емисии, додека властите ќе имаат поголеми овластувања да ги затворат инсталациите што не се во согласност со правилата и да бараат поголеми казни од прекршителите.