Дамјановиќ, сопственик на компанијата „Топ Билд“: Спречени сме да градиме, иако имаме законска документација

од Vladimir Zorba
56 прегледи

„Приватната сопственост и правото на деловните луѓе да работат непречено во услови кога ангажманот не се коси со законските прописи и прифатените општествени норми, треба да биде светост во секое развиено општество, кое претендира да има и солиден економски развој. Но, во земјава не е секогаш така. Како компанија се соочуваме со сериозни проблеми и сме спречени да почнеме да градиме сопствен објект, и покрај тоа што за тоа ги имаме извадено сите потребни документи, согласно законските прописи“, вели Радоман Дамјановиќ, сопственик на компанијата „Топ Билд“ во интервју за порталот „Фактор“. Тој прецизно објаснува со какви проблеми се соочува неговата компанија.

„Искрено жалам што наместо да дискутираме за унапредувањето во заштитата на животната средина, како и за унапредувањето на економијата и производството во целина, со што би се унапредило квалитетното живеење и стандардот на граѓаните, ние мораме да браниме еден современ еколошки производствен проект и со самото тоа ги одобруваме сите оние чинители кои дополнително не уназадуваат како општество. Ние како компанија почнавме инвестиција, со намера на пазарот да донесеме нова и напредна технологија, која е пракса во развиените држави. Станува збор за најсовремена и еколошка постројка за производство на рециклиран асфалт. Тоа значи дека асфалтот кој е дотраен и кој се отстранува од нашите патишта, се преработува со постројката и повторно се враќа, односно се користи. Таа постројка влијае индиректно на заштита на животната средина, бидејќи е значително намалена потребата да се користи материјал кој се експлоатира од минералните суровини. Станува збор за постројка од производителот Marini од Alfonsine во Италија, кој е реномиран производител на овие постројки. Купувањето на опремата е целосно финансирано со кредит од домашна деловна банка, која финансира исклучио еколошки проекти и доколку тие не беа уверени согласно протоколите кои ги имаат во банката, немаше да ни одобрат финансирање на таа опрема“, вели Дамјановиќ.

Тој посочува дека правосилното одобрение за градба, компанијата го добила на крајот од април, а изградбата стартувала на 28 мај годинава, но веднаш по започнувањето на градежните работи, од страна на Здружението на стопанственици од индустриската зона Визбегово, им била блокирана изградбата. Според Дамјановиќ, неколку фирми од зоната Визбегово, со кои, иако оствариле средба, на која им било детално објаснето дека станува збор за современа опрема која има пракса и се користи во сите развиени западни држави и дека нема никакво загрозување на животната средина, тие упорно изнесуваат невистини и небулози.

„Се работи само за неколку компании кои можеби се чувствуваат загрозени, но веќе на сите им е јасно дека аргументите и законот се на наша страна и дека кај нив не станува збор ниту за грижа за животната средина, ниту за грижа за владеење на правото, бидејќи сите постапки се испочитувани. Во меѓувреме, и директорот на Државниот инспекторат за животна средина, при гостување на еден национален сервис, за конкретниов случај прецизно одговори дека новите и современи асфалтни постројки кои подлежат на редовни контроли, не се опасни по животот и здравјето на граѓаните и по животната средина“, потенцира Дамјановиќ и додава дека досега многу пати имаат пријавувано до надлежните полициски станици и во СВР Скопје, имаат поднесено тужби до судските инстанци, ќе ги известат и меѓународните институции за загрозување на човековите права, а ќе достават уште неколку претставки, со инсистирање надлежните органи, односно полицијата да почне да делува и да ги заштити нивните права, а со цел да можат да реализираат најсовремена инвестиција која ќе донесе бенефит за македонската економија и за вработените, од кои најголем дел се токму од Општина Чучер Сандево.

„Не може неколку суетни поединци да се над законот и институциите и да им се дозволи да создадат пракса со која утре секоја законска инвестиција ќе може да се стопира или по нечија желба, дислоцира. Македонија е правна држава и верувам дека институциите во периодот кој следува ќе бидат поактивни во спроведувањето на законите и владеењето на правото“, вели Дамјановиќ.

Слични содржини