Еколошкото здружение „Фронт 21/42“ реагира на одлуката на Собранието да продолжи со процесот на усвојување на Законот за прогласување на Охридското Езеро за Споменик на природата и Законот за прогласување на Студенчишко блато за Парк на природата, без да се спроведат забелешките што на легислативата ги имаат дадено меѓународните инстанци што се активно вклучени во процесот и запознаени со ситуацијата на терен.
Според „Фронт 21/42“, пратениците во Собранието на државата вчера продолжиле со процесот на усвојување на легислативата, притоа целосно и свесно игнорирајќи ги меѓународното право и Уставот на државата.
„Првото читање помина без никаква забелешка не само во матичното работно тело туку и во законодавно-правната комисија, која констатира дека истите се усогласени со Уставот и како такви се прифатливи за понатамошните процедури“, реагираат од здружението.
Тие потсетуваат дека во декември 2021 година Бернската конвенција отвори случај за заканите врз Охридското Езеро и Националниот парк „Галичица“, а по посетата на терен во декември 2023 беше усвоена и Препораката 221, во која со три точки се бара суштински да се изменат мерките за заштита пред да се усвојат законите за Охридско Езеро и Студенчишко блато.
„Конкретно, се бара ревизија на зонирањето и дозволените активности; да се обезбеди врска меѓу езерото и блатото; за Студенчишко блато се бара заштитна (бафер) зона која ќе ја покрива областа на Горица Север каде што не треба да бидат дозволени нови градби, во самото блато да не бидат дозволени никакви градби, ниту земјоделски активности. И Рамсарската конвенција изрази загриженост поради непостоењето на заштитна (бафер) зона околу блатото“, потсетуваат од „Фронт 21/42“.
Притоа се потсетува дека оваа година Бирото на Бернската конвенција писмено нагласува на меѓународните обврски на државата кон Конвенцијата. Инаку, „неспроведување на Бернската конвенција значи и неспроведување на член 118 од Уставот, кој упатува дека меѓународното право е над националното законодавство“, реагираат од „Фронт 21/42“.
Оттаму активистите на здружението нагласуваат дека со продолжување на постапката на усвојување на двата закони без нивна претходна темелна измена, не се спроведува ни Стратегискиот план за рехабилитација на Светското наследство во Охридскиот Регион, што предвидува инкорпорирање на препораките на меѓународните конвенции во законите за Охридско Езеро и Студенчишко блато.
„Во двете последни одлуки Комитетот за светско наследство стави посебен акцент на спроведувањето на Стратегискиот план за рехабилитација и инкорпорирање на истиот во сите релевантни политики и одлуки. Истовремено Комитетот побара од државата да го заврши процесот на прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата и Студенчишко блато за Парк на природата, но на начин кој ќе обезбеди дека мерките за управување ќе ги зачуваат клучните еколошки процеси и обележја кои придонесуваат за Исклучителните универзални вредности на подрачјето. Предложените закони не само што не воспоставуваат ефикасна заштита на Охридското Езеро и Студенчишко блато, туку доколку се усвојат ќе овозможат понатамошна деградација на нивните вредности“, стои во писмената реакција од „Фронт 21/42“.
Законот за Охридското Езеро заштитата на брегот практично ја остава на предвидениот Урбанистички план од државно значење за крајбрежјето, не овозможува врска меѓу езерото и блатото, дозволува пловни објекти на 88 отсто од територијата на езерото, за управувачко тело го назначува ЈП Колекторски системи (кое нема капацитет за управување со сложен и планетарно значаен екосостем како Охридското Езеро), итн. Законот за Студенчишко блато овозможува без никаков проблем да се реализира предвидената урбанизација во неговата непосредна и поширока околина, остава дозволените активности во самото блато да бидат определени заедно со сопствениците на имотите во истото, ниту овој закон не обезбедува врска со езерото, за управувачко тело ја поставува Општина Охрид, за која активистите на „Фронт 21/42“ посочуваат дека многу пати досега покажала дека главен интерес и е урбанизацијата, вклучително и на непосредната околина на блатото.
„Фронт 21/42“ апелира до пратениците да не ги изгласаат предложените закони, а до МЖСПП да ги повлечат истите од собраниска процедура и доследно да ги спроведат сите елементи од препораките на Бернската конвенција, односно да постапат во согласност со Уставот на Република Северна Македонија.