Криминални структури имало и ќе има. Во овој период на транзиција поединци земаат замав, некои се охрабрени од некои центри на моќ, но ние ќе се бориме и ќе ги победиме. Вака одговори премиерот Христијан Мицкоски на прашањето дали граѓаните може да се чувствуваат безбедно откако за помалку од 24 часа во главниот град се случија две престрелки од кои едната со смртен исход.
„Жестоко ќе се спротиставиме како држава и ќе ги победиме. Граѓаните да се чувствуваат безбедно и слободно. Ваков тип на криминални битанги ќе завршат онаму каде што им е местото, ве уверувам во тоа“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција по средбата со претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.
Премиерот уште еднаш повтори дека Владата останува на ставот за потребата од коренити реформи во правосудството и за распуштање на Судскиот совет и Советот за јавни обвинители.
-Ние излеговме со став дека се потребни коренити промени во судството, но не го мислиме само ние тоа, го мислат и граѓаните бидејќи според сите мерења на јавното мислење, довербата на граѓаните во правосудните органи е катастрофално ниско. Ако немате правна држава, ако немате владеење на правото, ако немате обвинители и судии кои што обвинуваат по закон и Устав, тогаш ќе немате ниту економска безбедност, а кога ќе немате економска безбедност ќе немате ниту економска активност, ќе нема буџетот приходи онолку колку што се потребни за да имаме развој, а ако немате развој ќе немате среќни граѓани, среќни компании и нормално е да тие се разочараат и така разочарани да ја напуштаат Македонија. Тоа е суштината на целиот овој систем. Ние се ќе направиме да ја донесеме правдата, не смее да има граѓани од прв ред, не смее да има граѓани од втор ред, малкумина од прв ред кои се заштитени, не смее да има елита, туку мора сите да се подеднакви пред законите и Уставот, рече Мицкоски по средбата.