Романската полиција изврши рација во неколку куќи во областа Букурешт што им припаѓаат на британско-американската интернет ѕвезда Ендрју Тејт и неговиот брат Тристан. Акцијата била извршена рано утринава, потврдиле за романскиот портал news.ro од адвокатскиот тим на браќата.
Тејт се обвинети за трговија со луѓе и експлоатација на млади жени во Романија, каде што се на слобода со кауција чекајќи го почетокот на нивното судење. Главната канцеларија на Романија за истрага на организиран криминал и тероризам (DIICOT) објави дека биле извршени претреси во четири имоти.
DIICOT објави дека претресите се поврзани со истраги за трговија со луѓе и перење пари. Канцеларијата не ги соопшти имињата на осомничените, но најави дека се истражуваат потенцијални нови кривични дела.
Браќата Тејт и двајцата соработници во Романија се обвинети дека принудувале млади жени да учествуваат во снимање порно видеа. Користејќи манипулации ги направиле зависни од нив. Романските истражители идентификуваа седум жртви, а три од нив поднесоа обвиненија.
Ендрју Тејт стекна слава на социјалните мрежи каде што пропагира мизогински ставови, се фалеа со своето богатство и им проповеда на тинејџерите и младите мажи токсична верзија на тоа што значи да се биде маж.
Тој и неговиот брат првпат беа уапсени на 30 декември 2022 година во близина на Букурешт. Три месеци подоцна, тие беа осудени на домашен притвор. Тие добија право на слобода со кауција во август 2023 година, но не им е дозволено да ја напуштат Романија.