На денешната церемонија по повод својата оставка, шефот на военото разузнавање на Израел во заминување ја презеде одговорноста за неуспесите на неговата земја да ја одбрани границата и нападот на Хамас на 7 октомври.
Генерал-мајор Ахарон Халива, 38-годишен воен ветеран, ја објави својата оставка во април и е еден од многуте високи израелски воени команданти кои признаа дека не го предвиделе и спречиле најсмртоносниот напад во историјата на Израел, пренесува Ројтерс.
„Неуспехот на разузнавачкиот сектор е моја вина“, рече Халива на денешната церемонија и повика на широка национална истрага „за да се проучат и длабоко да се разберат“ причините што довеле до војната меѓу Израел и Хамас, пренесува Танјуг.
Нападот на 7 октомври сериозно го наруши угледот на израелската војска и разузнавачки служби, кои претходно се сметаа за непобедливи во конфронтацијата со вооружените палестински фракции и милитантните групи како Хамас, пренесува Ројтерс.