Мицкоски: Ќе ги замолам советниците од ВМРО-ДПМНЕ да ги изгласаат програмите во Град Скопје, ама ќе видите дека нема да се смени ништо

од Илинка Илиоска
287 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, ќе побара од советниците од неговата партија во Градот Скопје да ги поддржат програмите предложени од градоначалничката Данела Арсовска. Но, како што кажа, оваа поддршка нема да доведе до никакви значајни промени во главниот град.

„Како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги замолам советниците од нашата група веднаш на следната седница да ги изгласаат тие програми, ако е до програмите. Ќе ги замолам тие програми коишто Данела Арсовска вели дека не ѝ се гласаат да ги изгласаме и ќе видите дека ништо нема да се смени. Еве, да знаете дека ништо нема да се смени ,“ изјави Мицкоски.

Денеска во Град Скопје се одржува координативната средба на советничките групи со градоначалничката Арсовска, која ќе го презентира својот план за решавање на кризата во главниот град. Средбата е затворена за јавноста.

Прашан дали долгот кон Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) за кој вчера зборуваше Арсовска ќе биде подмирен со пари наменети за изградба на нов булеварво Визбегово, премиерот рече дека тоа не е така како што кажала градоначалничката Арсовска.

Во врска со најавата од ДУИ дека е можно градоначалниците од оваа партија да излезат од Здружението на општините (ЗЕЛС), Мицкоски рече дека тоа не е зрел потег.

„Велат, кој губи има право да се лути. Мислам дека треба да останат таму кај што им е местото. Ако прават така сите што губат и ги напуштаат институциите тогаш ќе се создаде лоша пракса. Но тоа е нивна одлука“, рече Мицкоски.

Слични содржини