Град Скопје добива шест еколошки автобуси и 3000 нови дрвја преку Меморандумот со УНОПС и ЕУ

од Илинка Илиоска
89 прегледи

Шест еколошки автобуси и неколку илјади дрвја ќе добие Скопје, за што Градот и Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги потпишаа Меморандум за разбирање чија цел е заедничка имплементација на дополнителни активности со цел подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје. Градоначалничката Данела Арсовска на церемонијата на потпишување го истакна значењето на проектот на ЕУ за чист воздух, кој го спроведува УНОПС со поддршка од Европската Унија.

-Како резултат на проектот ЕУ за чист воздух, за Град Скопје обезбедуваме шест еколошки CNG автобуси, ќе се подигнат урбани зелени појаси со над 3000 дрвја, меѓу кои и во започнатиот Мега парк во Карпош со засадување на нови 1.000 дрвја и ќе се изработи Физибилити студија за проширување на тополоводната мрежа во Скопје со што делуваме кон крајната цел подобрување на квалитетот на воздухот во Македонија, истакна градоначалничката Арсовска.

Градот Скопје е првата единица на локална самоуправа со која УНОПС потпиша Меморандум за разбирање во рамките на проектот ЕУ за чист воздух, кој во три години обезбедува 10 милиони евра од страна на Европската Унија преку Инструментот за претпристапна поддршка.

-Целта на соработката со Град Скопје е подобрување на квалитетот на воздухот преку намалување на PM 2,5 и PM 10 емисиите. Покрај Скопје, УНОПС ќе испорача поддршка и за Куманово, Тетово и Битола- истакна претставничката на УНОПС, Микела Телатин.

Проектот ЕУ за чист воздух предвидува транзиција на 70 јавни згради од загревање со екстра лесно масло кон извори на чиста енергија во Скопје, Куманово, Битола и Тетово, набавка на шест еколошки CNG автобуси за Градот Скопје, воспоставување урбани зелени појаси со 6.000 дрвја во четирите градови, изработка на Физибилити студија за проширување на системот за топлинска енергија во Скопје и надградба на станиците за следење на квалитетот на воздух со нова опрема.

Слични содржини