Според резултатите од последните истражувања на јавното мислење во САД, Камала Харис, кандидатката на Демократската партија, ја зголемува предноста пред Доналд Трамп, кандидатот на Републиканската партија и поранешниот претседател на САД, благодарение на зголемената поддршка што ја има кај „небелите гласачи“.
Анкетите се направени нешто повеќе од два месеци пред изборите кои се закажани за 5 ноември. Тие беа спроведени на национално ниво од Универзитетот „Ферли Дикинсон“, објави „Дејлимејл“.
Резултатите покажуваат дека Камала Харис ја зголемува предноста пред Доналд Трамп, пред сѐ благодарение на зголемената поддршка што ја има кај „небелите гласачи“. Според резултатите, Камала Харис ја поддржуваат 50 отсто од гласачите на национално ниво, додека 43 отсто се со Трамп. Останатите седум отсто од испитаниците тврдат дека на изборите ќе гласаат за друг кандидат.
Очекувано, и двајцата кандидати имаат најголема поддршка меѓу регистрираните гласачи на нивните партии, додека Камала Харис води со 38 отсто поддршка кај независните гласачи, додека Трамп е поддржан од 33 отсто од нив.