Кина ја повика Европската унија да биде „објективна и фер“ и претпазлива со зборови и постапки за кинеско-филипинскиот спор во Јужното Кинеско Море, по изјавите на Унијата во врска со инцидентот викендов.
Кина е „многу незадоволна“ од „обвинувањата“ на ЕУ против неа по ова прашање, се вели во соопштението на кинеската мисија во ЕУ.
„Европската унија не е страна во прашањето за Јужното Кинеско Море и нема право да покажува со прст“, се вели во соопштението.
Кина и Филипините во саботата разменија обвинувања за намерно удирање на бродови на крајбрежната стража во спорните води на Јужното Кинеско Море.
ЕУ во неделата соопшти дека ги осудува „опасните дејствија на бродовите на кинеската крајбрежна стража против легитимните филипински поморски операции“ во морето, пренесува Ројтерс.