Кинеската влада повеќе не дозволува деца од таа земја да бидат посвојувани од странски државјани, објави во четвртокот портпаролката на Министерството за надворешни работи. Единствен исклучок ќе бидат оние кои се во крвно сродство со детето што планираат да го посвојат, изјави портпаролката Мао Нинг.
Но, таа не ја образложи владината одлука, туку наведе дека е во согласност со духот на релевантните меѓународни конвенции.
Многу странци во изминатите децении посвоиле деца од Кина, каде што доаѓале да ги преземат и потоа да ги однесат во нови домови во странство.
На странците не им беше дозволено да посвојуваат деца од Кина дури и за време на пандемијата на Ковид-19.
Сепак, владата подоцна одобри посвојување на деца кои добиле патни исправи пред суспензијата на процесот за странци во 2020 година, се наведува во последниот извештај за посвојување на Стејт департментот.
Според извештајот, американскиот конзулат издаде 16 визи за посвоени деца од Кина во текот на 12 месеци од октомври 2022 година до септември 2023 година.