Американскиот Стејт департмент ја одобри можната продажба на Романија на 186 ракети воздух-воздух со среден дострел AIM-120C-8 за 582 милиони долари, објави Агенцијата за одбранбена и безбедносна соработка (DSCA) од Вашингтон.
Како што пренесува порталот „Балканска безбедносна мрежа“, Романија го зајакнува својот арсенал на ракети за своите борбени авиони Ф-16 во време кога сè уште не е на повидок крајот на војната во Украина.
Официјалното име на ракетата е AMRAAM (Advanced Medium Range Air-to-Air Missiles) AIM-120C8 и е најновиот модел од овој ракетен тип што значи дека по лансирањето лета самостојно до целта потпирајќи се на сопствените сензори.
Според наводите на производителот, водењето на новата верзија на ракетата е подобро во споредба со претходните, а дометот исто така е зголемен, но и понатаму се чува во тајност.
Романија ја стави на листата за набавка и вообичаената дополнителна опрема која вклучува контејнери за ракети, погонски делови, контролни делови, комплети за телеметрија и резервни делови за боеви глави, криптографски уреди KGV-135A, опрема за тестирање и репрограмирање муниција, како и опрема и софтвер за поддршка, одржување и обука на персонал.
Неколку земји користат ракети AMRAAM AIM-120, а моделите C8 досега се нарачани од Јужна Кореја, Јапонија, Саудиска Арабија, Индија, Тајван, Обединетите Арапски Емирати, Германија, Шведска, Данска, Холандија, Норвешка, Чешка, Полска, Унгарија, Романија, Филипини, Израел и Турција.