На последните отворени седници на Републичкиот судски совет јавноста имаше можност да се запознае со начинот на кој постапувале судии во текот на својата работа. Судијата Лазар Нанев остварил 95 повици со обвинет кого го судел, беше утврдено од стана на Судскиот совет во барањето на утврдување на неговата одговорност за несовесно и нестручно вршење на функцијата.
На седницата која претходеше на оваа, Советот усвои извештај кој се однесуваше на судијка известител од Апелација. Имено во извештајот било утврдено дека предметот бил рефериран без списите од Основниот суд да бидат доставени на увид на останатите членови, а претседателот наСоветот потпишал записник и пресуда без да ги види списите за предметот, како и дека пресудата со која се преиначува првостепената одлука била донесена без одржување на јавна расправа, што е спротивно на Законот за парнична постапка.
Извештајот во овој случај беше усвоен и беше одлучено да се предаде на Основното јавно обвинителство кое веќе отвори предмет по истиот. Се работи за предметот во кој Апелација преиначувајќи ја првостепената одлука, пресуди Телеком да плати 4 милиони евра оштета на човек фирма од Штип.
Имајќи предвид дека се работи за утврдување сериозни законски прекршувања од страна на судии, се очекува Републичкиот совет во брз временски рок да преземе мерки и да ги разреши судиите, кои и покрај јавно утврдените незаконски делувања сѐ уште постапуваат по други предмети.До Републичкиот судски совет за истиот предмет има и друга претставка за судијката известител, која е поднесена пред повеќе од еден месец.
Инаку, фирмата од Штип имала склучено договор со Телеком во периодот од 2001 до 2002 година, кој бил раскинат од Телеком заради неплаќање на обврските од страна на фирмата. Потоа започнал долг судски спор пред првостепениот Граѓански суд во Скопје, кој минатата година пресудил во корист на Телеком, бидејќи судот утврдил дека се работи за фирма со еден вработен, која повеќе години била со блокирана сметка, а е повторно активирана непосредно по донесување на пресудата на Апелациониот суд.
За овој предмет имаше и контроверзии во известувањето во Апелација. Имено откако судот преку соопштение ги отфрли наводите за евентуални неправилности или надворешни влијанија врз донесената пресуда, следеше демант од истата институција во кој судот се огради од своето претходно соопштение и објасни дека првото било ставна судскиот совет, а не на Апелациониот суд Скопје.
За предметот во кој Телеком треба да исплати 4 милиони евра на човек фирма реагираше и министерот за транспорт и врски, кој побара ОЈО да го испита случајот, по што беше отворена и постапка од оваа институција. Свој удел во Телеком има и државата (35%), па оваа одлука ќе влијае и на исплаќање на дивиденда на државата следната година.