Белата куќа за објавата на Маск дека никој не се ни обидува да ги убие Бајден и Харис: Ваквата реторика е неодговорна

од Milan1
29 прегледи

Американската Тајна служба кажа дека е свесна за објавата на Илон Маск на социјалната мрежа Икс дека „никој дури не се ни обидува да ги убие Џо Бајден или Камала Харис“. Маск во меѓувреме ги избриша постот и појасни дека тоа била шега.

Тој го напиша ова неколку часа откако беше објавено дека бил спречен нов обид за атентат врз Доналд Трамп, и тоа во неговиот голф клуб во Флорида. Маск е голем поддржувач на Трамп, кој кажа дека ќе го вклучи во неговата влада ако победи на изборите во ноември.

Бројни корисници на Икс коментираа дека објавата на Маск е форма на поттикнување против Бајден и Харис. Ова беше осудено и од Белата куќа.

„Ваквата реторика е неодговорна. Насилството никогаш не треба да се охрабрува или да се шегува за неа“, кажаа од Белата куќа.

Од Тајната служба изјавија дека се свесни за постот на Маск, но дека не коментираат работи поврзани со разузнавањето.

„Лекцијата што ја научив е ако нешто кажувам на група луѓе и тие се смеат не значи дека ќе биде толку смешно и како објава на Икс“, изјави Маск, кој јавно му даде поддршка на Трамп по првиот обид за атентат пред два месеца.

Слични содржини