Таравари: Приватни специјализанти ќе го пополнат недостигот на лекари во јавните здравствени установи

од Илинка Илиоска
52 прегледи

Недостигот од лекари во јавните здравствени установи ќе се надомести преку вклучување на приватни специјализанти. На последниот повик од Министерството за здравство, пристигнале 480 апликации, од кои 300 лекари ќе бидат ангажирани до крајот на годината, а во Клиничката болница во Штип ќе се вработат околу 10 лекари.

Министерот за здравство, Арбен Таравари, изјави дека процесот на децентрализација и регионализација на здравството е од особена важност за градовите како Тетово и Штип. „Штипската болница покрива повеќе од 300 000 жители и затоа е клучно да функционира што подобро,“ нагласи Таравари.

Директорот на Клиничката болница во Штип, Влатко Захариев, посочи дека недостигот на специјалисти се чувствува на сите одделенија, но дека најитно е да се пополнат одделенијата за Анестезија, Ортопедија и Гинекологија. „Најалармантно е на овие оддели, но ни недостасуваат и општи хирурзи и интернисти,“ изјави Захариев.

Што се однесува до изградбата на новата клиничка болница во Штип, која подолг период е во застој, Таравари најави дека Министерството за здравство добило овластувања од Владата за да ја достави потребната документација до сите компании заинтересирани за доизградба на болницата.

Слични содржини