Украина денеска ја обвини Русија пред Постојаниот арбитражен суд во Хаг дека го прекршува морското право, обидувајќи се да го задржи Керченскиот теснец под своја контрола – теснецот кој ги поврзува нејзините главни територии и анектираниот Кримски Полуостров.
Киев поднесе тужба во судската институција во Хаг во 2016 година, откако Москва започна со изградбата на 19-километарскиот Кримски мост, кој води до полуостровот што Русија го анектираше две години претходно.
Мостот е од особено значење за снабдување со гориво, храна и други стоки до Крим, каде што Севастопол е историска база на руската Црноморска флота. Објектот стана клучен за транспорт на војската по почетокот на инвазијата во февруари 2022 година.
Киев, кој сака да го уништи мостот и има спроведено напади врз него, тврди дека Русија го изградила мостот ниско, со цел да спречи странски бродови да минуваат низ теснецот, додека им дозволува на помалите руски бродови да го користат преминот меѓу Црното и Азовското Море.
„Русија сака да го присвои Азовското Море и Керченскиот теснец“, изјави претставникот на Украина, Антон Кориневич, пред судот.
Русија го опиша случајот поднесен од Украина како неоснован и безнадежен. Нејзиниот претставник Генадиј Кузмин негираше дека Русија се меша во навигацијата и изјави дека арбитражниот суд нема право да носи одлуки за овој случај.
Случаите пред Постојаниот арбитражен суд во Хаг може да траат со години, наведуваат западни медиуми.