Сиљановска Давкова: Меѓународниот суд на правдата да има посилна улога

од Илинка Илиоска
29 прегледи

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова се обрати на Самитот за иднината во Обединетите Нации на тема „Мултилатерални решенија за подобро утре“.

Во своето обраќање претседателката истакна дека се неопходни длабоки реформи во Обединетите Нации со цел надминување на глобалните предизвици.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска Давкова:

Почитувани присутни,

Тешка задача и голема одговорност е да зборувате за иднината, а да се апстрахирате од ООН, оти се работи за единствената организација што ужива универзален легитимитет и има докажан интегритет и кредибилитет во  решавањето на најголемите и горливите проблеми на човештвото.

Во предвечерието на осумдесеттиот роденден, сигурна сум дека ООН акумулирале доволно знаење, искуство и креација, научиле бројни лекции, стекнале мудрост, наталожиле богата меморија, како неопходни претпоставки за реално перцепирање на сегашноста и проектирање на иднината.

Иднината не е ниту фантастична приказна, ниту илузија, туку реална проценка на очекувани промени, заснована на темелна критичка анализа на докази и дијагноза на сегашните природни и општествени  состојби.  Значи, иднината е веројатно, извесно очекување на промени.

Верувам дека  нема посоодветно место од ООН за консензус за иднината низ призма на најголемите дилеми и предизвици.

Сметам дека е крајно време за соочување со грдата реалност на војни, природни катастрофи, енормна сиромаштија, нееднаквост и нерамноправност, кршење на меѓународното право, па дури и на јус когенс, практикување на правото на мажите наместо владеење на правото, жртвување на правдата, етиката и моралот заради профит и моќ.

Тешките проблеми ултимативно наметнуваат амбициозни цели, но бараат и осмислена решителна акција.

Храбрите потфати се неможни без длабоки реформи во ООН, зајакнат мултилатерализам во одлучувањето, развиен механизам на спреги и кочници во односите меѓу генералниот секретар, Советот за безбедност и Генералното Собрание, поголема инклузивност и транспарентност на процесот на одлучување, како и решителност и ефикасност во справувањето со енормните закани за мирот, одржливиот развој и човековите права.

Искрено, сметам дека не се доволни декоративни реформи на ООН, односно „лет во место“, туку суштински: структурни, функционални, меритократски, демократски.

Улогата на Генералното Собрание треба да зајакне, како претставничко тело на Обединетите Нации.

Меѓународниот суд на правдата мора да добие посилна улога, а неговите пресуди, да станат задолжителни за сите. Мора да се воспостави поинтензивна соработка и партнерство со граѓанското општество, да се зголеми транспарентноста на работата на сите органи и тела. Не мислам дека проширувањето на Советот за безбедност со неколку нови постојани членови, со ексклузивно право на вето, само по себе ќе значи поголема гаранција за мирот, за безбедноста, иако ми е јасно дека односот на силите на глобалната сцена, денес не е оној од 1945 година. Како претставничка на мала држава, верувам дека во овој орган треба да се зголеми учеството на помалите држави за да се заштитат од реалната опасност од поголемите.

Се разбира, Повелбата на ООН останува темелен акт, устав на нациите, но и општествен меѓунационален договор. Исто така, треба да се стави крај на непочитувањето, заобиколувањето и селективната примена на Повелбата, како во македонскиот случај.

Како прва жена претседателка, жестоко се залагам за повеќе жени на највисоки функции и посветена сум на реализација на овие мои заложби.

Верувам дека Пактот за иднината, Глобалниот дигитален договор и Декларацијата за иднината се солидна и инспиративна рамка за трасирање и градење иднина во која мирот, просперитетот и правдата нема да бидат посакувана, туку реална основа за акција.

Иднината на светот и човештвото е неразделна од ООН. Таа најмногу зависи од способноста на нациите да се обединат околу егзистенцијалните проблеми и дилеми, да изградат доверба и да дејствуваат солидарно. Глобалните предизвици бараат глобален, усогласен договор и одговор заснован на „common sense“.Тоа што ни треба е „храброст да бидеме“, па нека бидат кантианизмот, вилсонизмот и ленонизмот, наместо тукидизмот и макијавелизмот.

Слични содржини