Марин Чилиќ постави нов тениски рекорд. Титулата во Хангжу (серија 250) ја освои победувајќи го Жижен Женг со 7:6(5), 7:6(5) како најслабо рангиран тенисер на сите времиња.
Хрватскиот тенисер го започна турнирот на 777. место на АТП листата и со тоа го собори рекордот на Лејтон Хјуит, кој во 1998 година ја освои Аделаида како 550. на планетата.
Во меч во кој не беше забележан ниту еден брејк, подобро се снајде играчот на Хрватска кој стигна до 21. АТП титула во кариерата. Од активните играчи повеќе титули од него имаат само Новак Ѓоковиќ (99), Рафаел Надал (92) и Александар Зверев (22).
Чилиќ од понеделникот скокна за повеќе од 400 места и стигна до 373. позиција на листата.
Ова е негова прва победа од јануари минатата година и прва титула по долги три години. Неговата најдобра позиција на АТП листата е третото место во 2018 година.