Сирените денеска се огласија низ централниот дел на Израел, а израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека една ракета била истрелана од Јемен и дека околу 90 биле истрелани од Либан во правец на Израел.
Во Тел Авив и околните градови е активирано предупредување за воздушна закана, објави „Ројтерс“.
Повеќето од нападите на либанската група Хезболах беа насочени кон северен Израел, но и неколку ракети со долг дострел беа истрелани во правец на Тел Авив и на Западниот Брег, се наведува во соопштението.
Последната ескалација на насилството на Блискиот исток доаѓа по засилената офанзива на Израел кон проиранската група Хезболах во соседен Либан. Во израелски напад врз Бејрут, денеска беше убиен лидерот на Хезболах, Хасан Насрала – чин што според аналитичарите неизбежно ќе ги заостри непријателствата во регионот.