Иранската новинска агенција Фарс објави дека Иранската револуционерна гарда соопшти дека тековниот ракетен напад врз Израел е одговор на убиството на лидерот на Хезболах Хасан Насрала минатата недела, како и на убиството на лидерот на Хамас Исмаил Ханије претходно оваа година.
„Како одговор на убиството на Исмаил Ханије, Хасан Насрала и (командантот на гардата на ИРГЦ) Нилфорошан, го гаѓавме срцето на окупаторот“, се вели во соопштението на ИРГЦ.
Истрелани се 250 ракети
Претходно до јавноста се обрати и израелскиот премиер. Рече дека неговата земја се бори против иранската оска на злото, од народот побара обединета борба до победа.
„Од вас барам две работи-првата е строго да се почитуваат директивите на командата на фронтот, тоа спасува живот. И второ – да останеме цврсто обединети во наредните денови. Заедно ќе стоиме, заедно ќе се бориме и заедно ќе победиме“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
За време на воените рации на првиот ден по копнениот упад на либанска територија, израелската одбрана тврди дека минала без отпор од Хезболах. Уништени се илјадници локации на милитантите, вклучително тунели и складишта за оружје. Стејт департментот е информиран за тековните операции, претседателот Бајден повика на итен прекин на огнот. Деескалација и дипломатско решение побара и Велика Британија.
„Свесен сум за плановите на Израел, но мислам дека тие треба да престанат“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.
„Ни треба дипломатско решение за проблемите во Либан за да можат Израелците и Либанците да се вратат во своите домови. сакаме да видиме политичко решение и итен прекин на огнот“, изјави Дејвид Лами, министер за надворешни работи на Велика Британија.
Додека повиците за смирување на тензиите пристигнуваат од сите страни, населението масовно се евакуира. Ракетирањата долж сината линија продолжија. Израел тврди дека извршил уште еден прецизен воздушен напад врз Бејрут во близина на иранската амбасада.