Лавров и Медведев го пофалија Додик: „Тој е секогаш на првата линија во борбата против Западот“

од Vladimir Zorba
13 прегледи

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров го пофали лидерот на босанските Срби, Милорад Додик како личност која е на првата линија на борбата против западното влијание, а Дмитриј Медведев, еден од најжестоките јастреби на руската политика и заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, испрати слична порака.

Додик се пофали со одделните писма што му ги испратија Лавров и Медведев во објавата на неговиот официјален профил на мрежата Х во средата, но остана нејасно што ги натерало двајцата клучни соработници на рускиот претседател Владимир Путин сега да му испратат пораки.

Во своето писмо од 30 септември, Лавров наведува дека во Москва со загриженост гледаат како „западните актери“ ги уништуваат принципите на Дејтонскиот договор, односно напорите за, како што напиша, „негирање на правата на конститутивните нации“ во Босна и Херцеговина. Тој оцени дека токму поради тоа Република Српска и нејзините власти, како и лично Додик, се на удар затоа што и даваат отпор на „неоколонијалната политика на Западот“.

Тој најави дека Русија ќе истрае во одбрана на Дејтонскиот договор и ќе ја зајакне соработката со РС.

Со сличен тон е и писмото на Медведев, кој се потпиша како претседател на партијата Единствена Русија, поддржана од Путин.

Тој го обвини Западот дека се обидува да воспостави „тоталитарна контрола врз народите на Балканот“, пофалувајќи го српскиот народ што му се спротивставил.

„Вие лично сте на првите редови на новата етапа на народноослободителната борба, храбро се спротивставувате на надворешниот притисок кој често ги преминува сите замисливи морално-етички и правни граници“, му напиша Медведев на Додик, најавувајќи дека Русите и Србите ќе работат заедно за да се обезбеди победа на традиционалните вредности.

Во објава на Х, Додик им се заблагодари на Лавров и Медведев за поддршката.

Пофалбите на Додик од Москва доаѓаат во време кога против него во Судот на Босна и Херцеговина се води постапка за непочитување на одлуките на високиот претставник за Босна и Херцеговина. Судењето е при крај, а доколку биде прогласен за виновен, Додик се соочува со казна затвор до пет години, што би значело автоматско разрешување од функцијата претседател на ентитетот РС.

Слични содржини