Пратениците на десничарската опозиција во Парламентот на Албанија, кои беа исклучени од работата на парламентот поради нереди во собранието на 30 октомври, во четвртокот предизвикаа нереди, обидувајќи се насилно да влезат во парламентарната зграда.
Претходно во понеделникот, албанските пратеници од десничарската опозиција ги извадија своите столчиња од парламентот и ги запалија во знак на протест против затворската казна изречена на еден од нивните колеги.
Ервин Салијани, од главната опозициска Демократска партија, беше прогласен за виновен минатата недела за давање лажно сведочење во случајот за трговија со дрога. Судиите се сомневале дека некои опозиционери направиле лажни снимки.
Откако во понеделникот не им беше дозволен влез во зградата поради насилство, 24 протерани пратеници од опозицијата во четвртокот пред почетокот на пленарната седница се обидоа да влезат во зградата, но беа спречени од припадниците на Националната гарда.
И покрај вербалните напади врз нив, пратениците од владејачкото мнозинство влегоа во собраниската сала и одржаа седница. Во салата беа присутни 71 пратеник, без опозиција, пренесува РСЕ.
По тензиите и судирите со гардата и пратениците од владејачкото мнозинство, опозицијата пред парламентот постави марионети со ликот на премиерот Еди Рама, неговиот брат Олси Рама, поранешниот министер за внатрешни работи Фатмир Џафаи и неговиот брат Герон Џафаи.
Пратеникот Фламур Нока, генерален секретар на Демократската партија и поранешен министер за внатрешни работи, ги поли куклите со бензин и ги запали, исто како што направи со собраниските столчиња во понеделникот. Тој рече дека тоа го прават како „гест на граѓанска непослушност“.
– Ќе го направиме овој гест на граѓанска непослушност, потоа ќе бидеме цело време во акција. Им благодарам на медиумите што ја следеа оваа акција на опозицијата како еден од облиците на борба за демократија во оваа земја – рече Нока.
Инаку, во средата, на 2 септември, доцна попладне, Секретаријатот за етика при албанскиот парламент донесе одлука со која пратениците кои направија хаос во салата и запалија столчиња пред зградата на Собранието беа исклучени од работат од 10 дена до два месеци.
Почнувајќи од 3 октомври, два месеци од Собранието беа исклучени Фламур Нока, Газмент Барди и Бледион Налбати. За пратеникот Еди Палока оваа казна е 10 дена, додека останатите 20 се суспендирани на 40 дена.
Опозицијата инаку го опиша апсењето и осудувањето на Салијани како „слеп чин на одмазда и политички терор против Демократската партија“ и го обвини премиерот Еди Рама дека стои зад тоа.
– Ќе ја продолжиме борбата против Рама, кој е единствениот одговорен за оваа ситуација – изјави за новинарите шефот на пратеничката група на Демократската партија, Газменд Барди.
Рама во изјавата ја поздрави пресудата на судот за случајот, за која рече дека ја „потресе“ јавноста.
Пратениците од опозицијата ги повикаа граѓаните на 7 октомври да се соберат во главниот град Тирана на протест против Рама. Најавија дека ќе ги блокираат патиштата низ државата.