Од миленик на либералите до контакт со Трамп: Што се случува со Марк Закерберг?

од Nikola Popovski
59 прегледи

На сцената пред повеќе од 6.000 гледачи на популарниот подкаст од Силиконската долина, Марк Закерберг изгледаше целосно опуштено. „Мислев дека ќе треба да ја резервираме следната епизода за сите извинувања што ќе треба да ги направам вечерва“, рече тој. Но, веднаш потоа додаде: „Само се шегувам. Повеќе не се извинувам’“.

Таа изјава ги насмеа присутните, но тонот на Закерберг беше многу посериозен еден месец претходно, кога му пиша на републиканскиот претседател на комисија во американскиот Конгрес. Тој откри дека администрацијата на претседателот Џо Бајден извршила притисок врз неговата компанија да ги цензурира објавите за Ковид-19.

„Верувам дека притисокот од владата беше погрешен и жалам што не бевме погласни за тоа“, призна Закерберг, истакнувајќи дека неговата компанија донела некои одлуки кои „нема не би ги донела денес“.

Оваа нејасност го открива парадоксот на неодамнешната политичка трансформација на Закерберг. Основачот и извршен директор на Мета – технолошкиот гигант кој ги поседува Facebook, Instagram, WhatsApp, како и линијата на VR уреди Quest – неодамна зазема нов тон и став за изборите и политиката. Откако еднаш силно зборуваше против дезинформациите за Ковид-19 и теориите на заговор на Доналд Трамп, тој сега сака Мета да биде „непристрасна“, пишува „Индипендент“.

Според извештаите, Закерберг го отфрлил тимот на Мета за изборен интегритет, „воената соба“ против лажните вести за време на изборните години и алатките за транспарентност што новинарите ги користеле за следење на дезинформациите, а фејсбук фидот добива се помалку политичка содржина. Тој, исто така, ги намалил политичките активности на неговата филантропска фондација.

Минатата недела „Њујорк тајмс“ објави дека Закерберг двапати контактирал со актуелниот претседателски кандидат Трамп за да ги поправи нивните односи и им кажал на блиските соработници дека неговите политички ставови сега се повеќе се приклонуваат кон слободарски или класичен либерализам, наспроти неговите претходни прогресивни наклонетости.

Оваа промена доаѓа по бурните и контроверзни години, особено по скандалот со Кембриџ Аналитика од 2016 година, кога Мета беше под постојан политички напад. Критики поврзани со заштита на приватноста на податоците, политичка пристрасност, ментално здравје на младите и промоција на екстремизам. Да потсетиме дека во 2010-тите, британската консултантска компанија Кембриџ Аналитика собираше лични податоци на милиони корисници на Фејсбук без нивна согласност, главно за да се користат за политичко рекламирање.

Во светлината на пандемијата и обидот на Трамп да ги поништи изборите во 2020 година, Мета и другите технолошки компании зазедоа построг став против дезинформациите. Тоа ги налути конзервативците, а нападите врз технолошките гиганти станаа секојдневие на двете страни од политичкиот спектар. Едно од неговите најголеми разочарувања беше тоа што донацијата од 420 милиони долари што Закерберг и неговата сопруга Присила Чан ја направија за да обезбедат безбедно гласање за време на пандемијата беше наидена на жестока осуда од републиканците. Трамп го нарече тој проект „измама“, а републиканскиот сенатор Тед Круз тврдеше дека тоа е пример за „милијардери кои купуваат избори“.

Наводно, Закерберг се огорчил од целата политичка арена, верувајќи дека многу од критиките упатени кон Мета се неправедни.

„Речиси секоја институција стана пристрасна на некој начин и ние се обидуваме да се спротивставиме на тоа“, рекол тој во интервју за „The Verge“ минатата недела.

„Можеби сум премногу наивен, но ќе се обидеме да го оствариме тоа“.

Сепак, поранешниот инвеститор на Фејсбук, Роџер Мекнами, тврди дека позицијата на Закерберг е „апсурдна“. Според него, неговата изјава дека политичарите неправедно го нападнале не е ништо повеќе од обид да се сврти вниманието и да се избегне одговорноста.

Иако Закерберг се обидува да ја избегне политичката арена, според експертите ќе биде тешко целосно да се излезе од неа. Кејти Харбат, поранешна вработена во Мета, смета дека тој само го менува пристапот кон политиката, а не нужно политичките ставови. „Можете да се обидете да побегнете од политиката, но не можете да се скриете“, заклучува Харбат.

Слични содржини